ТРЕНДОВСКИ МАТЕРИЈАЛИ ВО ЕНТЕРИЕРОТ

ТРЕНДОВСКИ МАТЕРИЈАЛИ ВО ЕНТЕРИЕРОТ

 

Секоја сезона покрај трендовите за мебел, форми и бои ги следиме и актуелните материјали.

Како најинспиративни ги издвојуваме: терацо, ратан, плетена трска и темна керамика.

 

ТЕРАЦО

Терацо не е нов материјал, тој датира уште од 16 век во Италија, но последниот период ја доживува својата ренесанса. Се среќава во сите списанија за уредување на домот, дизајнерите го обожаваат, а исто така е застапен со широка палета на дизајни и кај производителите на композитни материјали. Тој всушност е композитен материјал кој во себе содржи ситни парчиња мермер, кварц, гранит, стакло и сл. кои се соединети во мешавина со цемент или епоксид како врзувач. Најчесто се користи како плочки за подна обработка, како работна плотна во кујна или шанк, ѕидна облога, плоча за мијалник и други елементи кои се изработуваат по мерка.

Терацото е многу популарен материјал поради шарениот дизајн кој се вклопува со повеќе бои и внесува интересен изглед во просторот.

 

 

МЕБЕЛ ОД РАТАН

Ратанот е ползечко растение од видот палми, поради издржливоста, флексибилноста и малата тежина често се користи за изработка на мебел за надворешна употреба. Најчесто се среќаваат сетови од фотелји, двоседи, лулашки и маси изработени од ратан кои се лесни и удобни за во двор или тераса. Оваа сезона мебелот од ратан сѐ повеќе се среќава и во ентериерите, внесува чувство на лежерност и тропски амбиент на просторот. Во комбинација со големи растенија во саксија и соодветна декорација може да креирате ’’тропско’’ катче во домот.

 

 

ПЛЕТЕНА ТРСКА

Плетената трска е материјал кој се употребувал во изработката на мебел пред многу векови, и потекнува од Азија и Африка. Најчесто се користи за изработка на седало и наслон на столици изработени од дрво. Оваа сезона покрај популарноста на трпезариските столици и фотелји со плетена трска кои имаат безвременска елеганција, плетената трска се среќава и на вратнички на комоди и плакари, заглавје на кревет и ѕидни панели. Заедно со мебелот од ратан внесуваат ретро ’’шмек’’ во ентериерите и бохо амбиент.

 

ТЕМНА КЕРАМИКА

Темната керамика како тренд во ентериерите освен кај плочките сѐ повеќе се  користи и за чинии, вазни и декоративни фигури. Најчесто има мат завршница и текстура на камен. Популарни се темни ѕидни и подни плочки, работни површини во кујната од темен мермер и композитни материјали. ’’Финишот“ е мат со изразена текстура и природен изглед кој асоцира на необработен камен. Надградни мијалници во антрацит боја се голем тренд во уредување на бањите.

 

СВЕТЛО „НАТУР“ ДРВО

Дрвото секоја сезона се наоѓа меѓу најпопуларните материјали во уредувањето на домот. Тоа што се менува секоја сезона е всушност типот на дрво, бојата и обработката. Последните сезони светлото дрво, како што се бука,бреза, даб и други се најактуелни. Поради големата популарност на скандинавскиот дизајн сѐ повеќе се користи светло дрво, со природен изглед, без сјај и со природна текстура. Светлото дрво може да најде примена во многу елементи во домот, од под, врати и прозорци, плочест мебел, ногари и друго. Најубаво изгледа во комбинација со бела, сива или светли пастелни бои.

 

Доколку имате потреба од нашите услуги побарајте понуда тука

Или контактирајте нѐ на:

е-mail: ateljeproekting@gmail.com

тел: +389 70 367 499
+389 70 935 277